За Христијан Тодоровски Карпош

Изминуваа последните пролетни денови, здивот на жешкото сонце се чувствуваше се посилно, а топлите зраци само што почнаа да се уриваат  од високите врвови на Карадак и Јаблан. Како да е веќе Петровден. По големите ниви се слушаше врева од луѓето кои започнаа да ги работат земјоделските работи. Во еден таков ден, напладне, комшивката Олга му кажува на Угрина, на својот маж, дека во комшиите се родило дете, пак машко дете и тоа во фамилијата на  Ангела и Трајанка. А името… ете Христе нека се вика, вели таткото Ангел. Низ маки и страданија, малиот, слабичок Христе растеше и растеше. Како најмал член во семејството, поголемиот дел од времето го поминуваше за чување на добитокот  и помагање на своите родители во земјоделските работи. Водејќи го добитокот на пасишта носеше и книги и постојано учеше .Ја сакаше и играта, посебно онаа што во себе имаше елементи на борба, искажување на машкост и смелост. Поради домашните обврски малку подоцна се запиша и го заврши основното, а продолжи и во средно училиште. Многу брзо го осозна тешкиот живот во сопствената –македонска земја.  Како средношколец се вклучува во општонародниот отпор и станува борец, а потоа и стратег на воените походи за чие име се слуша надалеку.

Стана и водач- командант  на големите борбени единици, а победите над секогаш побројниот непријател се нижеа и нижеа.

Христе, или, како што подоцна го нарекоа Карпош, имаше големо разбирање за човекот, за неговите можности. Беше борец, командант и стратег. Беше легенда не само за Карадак и Козјак, туку и за многу други планини , села и градови. Не спиеше цели ноќи, ги обиколуваше стражите, разговараше со куририте, водеше сметка за секој  борец, за секој човек. За него народот испеал:

На Козјак, Карадак планина

по села рамни и широки полиња,

има ли уште кој да не знае

кој е Карпош, партизан, војвода.

Но, во еден студен и тмурен февруарски ден, во годината 1944, кога слободата беше на дофат, во една тешка борба со бројниот фашистички непријател, нашиот Патрон Христијан Тодоровски Карпош, погоден од непријателскиот митралески куршум, храбро загинува пред олтарот на револуцијата и долгоочекуваната слобода, вградувајќи го својот млад живот во темелите на нашата татковина, денес Република Македонија.

Замина човекот , партизан, командант по чии стапки ние учениците силно чекориме во светот на знаењата, подготвени да се соочиме  со новите предизвици  за незапирлив развој на нашата држава.

„Карпош го нема! Кој е тој што се осудува да каже толку голема невистина? Тој секогаш ќе живее во срцата на поколенијата како неуморен син на својот каменит Козјак, овенчан со песна за новиот Карпош, чие ехо ќе се шири до Јабланица и Кукавица, каде што израснуваше во џин, кој секогаш ќе биде меѓу нас!

Споделете на:

Адреса: „Орце Николов“ бр.161

1000 Скопје

htkarpos@gmail.com

(02) 3067-407