Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“ го реализира Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието и со финансиска поддршка од Европската Унија.
Проектот има за цел да придонесе кон целосна и рамноправна вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта, кои прераснуваат во безбедни средини што се отворени и пристапни за сите деца и посветени да обезбедат квалитетно образование на децата со разновидни образовни потреби.
Една од главните активности на Проектот е доделување стипендии на деца со попреченост, чија цел е да се пружи поддршка на семејствата на децата со попреченост во надминување на трошоците поврзани со нивното школување, училишни материјали, специјализирана опрема, воннаставни активности, асистенти за помош/едукација, трошоци за терапија, транспортни трошоци или други слични специфични потреби, а воедно да се поддржи процесот на проактивно и засилено запишување на ученици со попреченост во редовните училишта.
Во текот на учебната 2020/2021 година, проектот обезбеди стипендии на 322 деца со попреченост кои се запишаа и редовно посетуваа настава. Проектот ќе ја продолжи поддршката на овие стипендисти, но и ќе овозможи дополнителни стипендии за нови 150 ученици со попреченост запишани во прво одделение во учебнана 2021/2022 година кои ги исполнуваат долунаведените критериуми.
Висината на месечната стипендија е 50 ЕУР во денарска противвредност и истата ќе се доделува за 10 месеци, од септември 2021 г. до јуни 2022 г. Задржувањето на стипендијата во следната учебна година зависи од редовноста на ученикот во училиште и успешниот премин во следното одделение, за што корисниците ќе треба да достават евидентни листови за успешно завршено тромесечје, полугодие и учебна година.
Вклученоста и редовноста во настава се од витално значење за задржување на стипендијата. Очекувањата за редовноста на учениците со попреченост и начинот на нивното учество во наставата (далечински или со физичко присуство) ќе зависат од општите препораки за одвивањето на наставниот процес кои ќе ги донесе Владата на Република Северна Македонија, а со цел да се обезбеди максимална безбедност на учениците од КОВИД-19.
Средствата од стипендијата ќе се исплатат на родител/старател на ученикот.
Можност за пријавување имаат децата кои ги исполнуваат следните основни критериуми:
- Да се деца со попреченост кои во учебната 2021/2022 година се запишуваат во прво одделение,
- Да поседуваат документација за вид и степен на попреченост (Наод и мислење и/или Наод од стручно тело за проценка на функционирање, попреченост и здравје),
- Да се обврзат на редовно посетување на наставата, во зависност од индивидуалните можности и согласно препораките за безбедно посетување настава во услови на пандемијата КОВИД-19,
- Да не се корисници на било каква друга стипендија доделена од било која друга институција или компанија,
- На родителот/старателот кој аплицира во име на кандидатот за стипендија да не му е одземено родителското право.
За повеќе информации посетете ја страната на фондацијата