По повод 8 март денот на жената, учениците од ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“ заедно со наставничката по музичко образование Даниела Хаџи-Тоневска Ивановска реализираа посета на домот за стари ,, Елисавета ,, во општина Карпош. Со свои креативни изработки на цветови од хартија, ги развеселија дамите, а имаа подготвено и пригодни изработки и за мажите кои присуствуваа на едночасовното дружење. Учениците се запознаа со луѓето од кои побараа со нив да споделат по некоја убава животна мудрост, која потоа беше запишана на неколку хартиени цветови, а од нив на самото место беше изработен букет. Дружењето беше дополнето со песна и многу убави пораки за животот, но и за хуманоста која треба да ја негуваме и да се грижиме за повозрасните луѓе. ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“ запиша уште еден хуман настан и како и до сега продолжува да гради култура на љубов и споделување. Голема благодарност и до родителите кои помогнаа ова празнично утро да ја реализираме нашата акција.